Технологија

Технологија и производствен процес

Во рамките на своето повеќедецениско постоење на домашниот и странскиот пазар, почнувајќи од 1924 год, до денес, „Прилепска Пиварница“ ја негува својата мисија на континуирано инвестирање во сопствените производствени процеси. “Прилепска Пиварница” интензивно го следи трендот на имплементирање на најсовремените технологии во процесот на производство на пиво и безалкохолни пијалоци.

Во фокусот на технолошкиот процес за производство на пиво, “Прилепска Пиварница” со гордост ги пласира своите два бренда: “Златен Даб” и “ Крали Марко”.

Asset 4@2x

Благ и пријатно горчлив хмељ

Asset 6@2x

Ладна мембранска филтрација

Asset 7@2x

Пиво со висок квалитет

Што е она кое би го задоволило љубопитството на вистинските познавачи на пивото?      

Пивото е алкохолен пијалак кој се добива со алкохолно вриење (ферментација) на сладовина, произведена од јачменов слад, несладувани житарки, хмељ и вода. Овој златно-жолт пијалок поседува карактеристичен вкус на хмељ, кој е истовремено благ и пријатно горчлив. Се карактеризира со извонредна богата и стабилна пенливост, од која доаѓа и неговата освежувачка нота. Она кое сладокусците би требало да го знаат е дека содржи одреден процент на волуменски алкохол (4,5 +/- 0,5%), кој го лимитира неговото конзумирање за младата популација.

Компанискиот раст и развој, помеѓу другото, денес се темели на користењето на најсовремената опрема од најреномирани имиња во светската индустија за производство на опрема за пиво. Во процесот на подготовка на пивото се користи опремата од Zimmann, GEA, Pall и Centec. Линијата за полнење на пивото користи опрема од најголемите етаблирани светски компании како GEA и Krones. Во технолошкиот процес на подготовка на водата, се користи опрема од познатата компанија за производство на опрема за вода Veolia Group.

Производството на пиво се одвива во варилница, одделот за ферментација, одлежување и филтрација. Есенцијални во целокупниот производствен процес се таканаречените мајш танкови во кои се врши ензимска разградба т.е ошеќерување на високомолекуларните компоненти. Бистреник е позицијата каде тропот се одделува од сладовината, со цел добивање на чиста сладовина. Постојат и танкови за варење каде се добива подготвена сладовина со потребната арома и горчливост, а Вирпул е местото каде сладовината дополнително се ослободува од нерастворливите супстанции. Производната опрема се состои и од цилиндрично- конусни танкови каде се врши ферментација и се добива младо пиво, но и од таканаречени лежни танкови за дополнителна ферментација со која се добива зрело пиво. “Прилепска Пиварница” користи пивски квасец кој самостојно го пропагира во лабораториски и индустриски услови.

„Прилепска Пиварница” поседува една од најсовремените технологии за филтрација во Европа во која не се употребуваат помошни процесни материјали (киселгур) со кои накнадно би ја загадувале околината. Истата носи епитет “Eco-friendly”, мембранска филтрација во која сите фази на бистрење се одвиваат на ниски температури. Ова филтрација е комбинирана со сепарација, чија примарна фаза е центрифугирање со високи вртежи, по што делумно сепарираното пиво го продолжува процесот на филтрација низ мембранските блокови. Истите, се конструирани од мембрани, исполнети со многубројни селектовно пропустливи таканаречени “шпагети”. Порозноста на овие “шпагети”, мерена во nm (нанометри), овозможува задржување на поголемите квасни клетки. Финалниот производ е сјајно бистро пиво со 0,2-0,4 EBC единици. Пред крајот, филтрираното пиво поминува низ CBSS единица каде што се врши стабилизација на истото. Оваа единица се состои од три колони, со касети од кои секоја е исполнета  со PVPP (polyvinylpolypyrrolidone) материјал, кои се вертикално поставени една над друга во својата колна. Пивото контролирано поминува низ секоја од нив, што резултира во создавање на хемиска реакција на врзување на полифенолните соединенија, кои се носители на опор и трпкав вкус и затоа се отстрануваат во одреден сооднос. Филтрираното пиво се собира во збирни Друк-танкови, во кои пивото физички се стабилизира и смирува и тогаш станува подготвено за полнење. Годишниот капацитет на “Прилепска Пиварница” изнесува 550.000 HL пиво.

Покрај производство на пиво, компанијата произведува и безалкохолни пијалаци, пласирајќи го брендот “Газоза”, како сопствен бренд од палетата на газираните пијалоци. „Прилепска Пиварница” e овластен полнач за „Pepsi Cola International”, преку Pepsi Cola, Pepsi Lime, Pepsi Max, Mirinda Orange, Mirinda Lemon и 7up.

„Прилепска Пиварница” ги произведува следниве видови на пакувања:

– Безалкохолни пијалоци: 0,25 литри во стакло; 0,33 литри лименка; 0,5 литри во ПЕТ; 1,25 литри во ПЕТ; 1,5 литри во ПЕТ; 1,75 литри во ПЕТ.

– Пиво: 0,33 литри стакло и лименка; 0,5 литри стакло и лименка; 1,5 литри ПЕТ; пиво во буриња 25 и 30 литарски.

Од особена важност во производствениот процес е спроведувањето на соодветна динамика која успева да ја задоволи високата побарувачка на домашниот и странскиот пазар. Следејќи ги потребите на своите потрошувачи, компанијата успева да одговори со соодветен капацитет дури и во најголемите сезонско-празнични пикови во рамките на годишните потреби. Линијата за производство на пиво во ПЕТ има капацитет од 11 000 шишиња на час. Линијата за газирани пијалоци во ПЕТ има капацитет од 10.000-14 000 шишиња на час. Линијата за стаклени шишиња има капацитет од 30.000 шишиња на час. Линијата за производство на лименки има капацитет од 20 000- 23 000 лименки на час.

Организациската структура во рамките на технолошкиот процес и имплементирањето на најсовремените технологии, резултира со извонредна динамика и капацитет на производствените линии. Но, круната на успехот кој „Прилепска Пиварница” со гордост го негува кон своите потрошувачи е Неговото Величество, квалитетот и безбедноста.  Ги обезбедуваме и  сите неопходни ресурси за имплементација и менаџирање на систем на Безбедност на храна преку идентификација, проценка и контрола на ризици. Истовремено во целата компанија споделуваме практики поврзани со безбедноста на храната преку воведување на систем за безбедност на храната. Сето ова е потврдено преку континуирани проверки кои ги прават реномирани сертификациони куќи како што се SGS  од Швајцарија и AIBI од САД.

Неприкосновен и бескомпромисен квалитет и безбедност на храната и понатаму останува наша мисија!