11.12.2024 г. Денеска, Прилепска Пиварница, под рамките на кампањата „ Мовембер – На здравје, за машкото здравје“ ја реализираше донацијата за Одделот за урологија во Општата болница Прилеп, преку набавка на медицинска опрема во вредност од 600.000 денари.
И оваа година Прилепска Пиварница, преку својот бренд Златен Даб, ја спроведе кампањата „Мовембер – На здравје, за машкото здравје“ и месецот ноември го посвети на глобалното движење за подигнување на свесноста за редовна грижа за машкото здравје.
„Ноември стана симбол на машкото здравје во светски рамки, а кај нас преку брендот „Златен Даб“ веќе неизоставен дел од нашата стратегија за општествена одговорност, која се фокусира на подигнувањето на свеста за рана превенција од најчестите заболувања кај мажите, но и за општото психофизичкото здравје. Годинава, во духот на одбележувањето на 100 годишнината на Прилепска Пиварница одлучивме донацијата да ја направиме на Одделот за урологија во Општата болница во Прилеп и нашата грижа и солидарност за градот да биде пример кој треба да го следат и другите успешни компании“– изјави Сашко Самарџиоски, генерален директор на Прилепска Пиварница.
Прилепска Пиварница веќе трета година се придружува на глобалната иницијатива за подигнување на свесноста за поголема грижа за целокупното машко здравје, апелирајќи за редовна лекарска посета.