Соопштенија

ПРИЛЕПСКА ПИВАРНИЦА СО ДОНАЦИЈА СЕ ВКЛУЧУВА ВО БОРБАТА ПРОТИВ КОВИД-19

1. Април 2020

Прилепска Пиварница се приклучи кон мерките и активностите што се одговор на новонастанатата ситуација, но и како поддршка за успешно справување во кризните моменти и предизвиците со кои се соочуваме.

Во координација со Општина Прилеп и градските власти, Прилепска Пиварница обезбеди средства за набавка на средства за дезинфекција на улиците, како и дезинфекција на сите возила што пристигнуваат во градот. Оваа мерка има за цел да ги подобри хигиенските услови, кои се предуслов за спречувањето на понатамошното ширење на вирусот.

Дополнително, во соработка со Стопанската комора на РСМ, Прилепска Пиварница обезбеди и пакети со прехранбени производи и хигиенски средства како помош за најранливите групи граѓани, на кои во овие моменти поддршката им е најпотребна. Пакетите ќе бидат доставени во текот на следните денови, во соработка со организацијата и службите на Црвениот крст.

„Како општествено-одговорна компанија, постојано реализираме проекти што придонесуваат за општото добро, се вклучуваме со активности што овозможуваат поддршка и помош, особено сега кога имаме одговорност и можност да помогнеме во намалувањето на ефектот од пандемијата. Исто така, многу е важно да покажеме високо ниво на индивидуална одговорност, за да се справиме што поуспешно со кризата што нè засега сите, на локално и на глобално ниво. Продолжуваме да помагаме, секогаш тука за заедницата од која сме дел“ – изјавија од Прилепска Пиварница.

Да ги почитуваме мерките издадени од надлежните институции и да се грижиме за сопственото здравје и за здравјето на другите.