Прилепска Пиварница е основана 1924 година. Тој период се карактеризира со мануелно производство, кое расте од година во година и на почетокот на Втората светска војна достигнува 8.000 хектолитри пиво годишно.
Самиот почеток на Втората светска војна ги продлабочува финансиските тешкотии во кои запаѓа пиварницата и таа престанува да работи.
Повторното активирање на погоните се случува во 1952 година за наредната, 1953 година, да се инсталира и парен котел за варење на пивото. Со таа технологија и 40 вработени во пиварницата, во 1966 година производството скокна на 42.000 хектолитри пиво годишно. Во тој период најголемото производство беше на црно и на светло пиво, “Крали Марко”, што ферментираше во дрвени буриња, а се пакуваше во стаклени шишиња.
Поголема инвестиција во пиварницата беше преземена во 1972 година кога и производството се зголеми на 86.000 хектолитри пиво.
Со преземањето на раководството од страна на млади високообразовани кадри, во 1975 година почна и брзиот раст на „Прилепска Пиварница“ и во наредните 3 години производството скокна на 250.000 хектолитри пиво годишно.
„Прилепска Пиварница“ во 1980 година добива и лиценца за производство на светските брендови Pepsi и Mirinda за да во 1991 година добие и признание за најголема продажба на Pepsi, во апсолутен волумен, во регионот на поранешна Југославија и во Албанија.
Во 2000 година го лансира пивото „Златен Даб“, кое се карактеризира со висок и одличен вкус.
Својот асортиман го проширува во 2002 година со добивање лиценца за производство на овошни сокови – нектари Пригат.
Мај 2013 – нова инвестиција од 7,5 милиони евра е реализирана во форма на комплетно нова линија за точење на стаклени шишиња на сите производи – и пиво и сокови во „Прилепска Пиварница“.
Денес „Прилепска Пиварница“ е во приватна сопственост. Инвестициите во високата технологија ја направија и една од најмодерните пиварници на Балканот. Годишниот капацитет на варилницата е 582.000 хектолитри пиво годишно. Покрај тоа, сѐ уште ги полни лиценцните пијалаци Pepsi, Mirinda, 7UP.
За да влезете на страницата мора да имате повеќе од 18 години. Пополнете во следниот формат: дд мм гггг